Битолската куглана за првпат домаќин, Макпетрол го освои Купот на Македонија

Екипата на Макпетрол по јубилеен десетти пат е освојувач на кугларскиот Куп на Македонија за сезоната 2020/21. Новата куглана во Битола за првпат во историјата беше домаќин на една Куп-завршница, која што заврши со среќен крај за најтрофејниот кугларски колектив во нашата држава.

На Ф4 завршницата, Макпетрол беше најуспешен со 3435 поени, второто место му припадна на домашниот тим на Пелистер (3275), трет беше новиот шампион Вардар (3185), додека последната позиција му припадна на тимот на ГТЦ Мусандра (3055).

По завршувањето на финалниот дуел во новата куглана во Битола која е во склоп на спортската сала „Боро Чурлевски“, беа додели пехарите и признанијата за најдобрите во сезоната. За најдобар играч во Македонската кугларска лига за сезона 2020/21 е избран српскиот репрезентативец кој ги брани боите на Макпетрол, Урош Јаглишиќ.

Најдобра кугларка е македонската репрезентативка Данче Наумовска од ЖКК ГТЦ – Мусандра. Беа доделени и медали и пехари за најдобрите три екипи во лигата оваа сезона. Шампионскиот трофеј заврши во рацете на кугларите на Вардар, Макпетрол го освои второ место, додека трет беше Пелистер. Признанијата ги додели Игор Михајловски, потпретседател на КФСМ.

Пласман за европските купови остварија четири машки екипи (Вардар, Макпетрол, Пелистер, ГТЦ Мусандра) и две женски (ЖКК ГТЦ Мусандра и ЖКК Пелистер). Согласно најавите, Вардар како шампион ќе кугла на Светскиот куп во Хрватска, Пелистер на Европскиот Куп во Словенија, Макпетрол и ГТЦ на NBC во Германија.