Жилавиот Работнички го „положи оружјето“ во Битола, Пелистер останува максимален

Лидерот Пелистер ја продолжува серијата победи во домашното првенство и на прагот е да го повтори ланскиот успех, кога немаше пораз до крајот на есенскиот дел. Вечерва во Битола падна Работнички со 88-84, во дуел кој ги задоволи околу илјада љубители  на кошарката. Со осум од осум тимот на Марјан Илиевски останува владетел во мак-кошарката оваа есен. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Работнички: 

Гостите подобро отворија и водени од Мустафица се одлепија на 14-22. Сепак, Илеиевски повика минута одмор и ја реорганизира одбраната. Битолчани реагираа, Малешевиќ постигна осум поени, а во последниот напад домаќините запишаа пет поени за три секунди за 27-24 на крајот од првиот квартал.

Одбраната на Пелистер заврши голема работа во втората четвртина. Ги затвори центрите на Работнички и брзо дојде до пристојна разлика. Расположениот Мустафица единствен парираше, но не можеше да спречи +12 за лидерот по дваесет минути (52-40). 

Следеше променлив трет период. Најнапред Кесар и Младеновски донесоа највисоки -15, но потоа Работнички реагираше. Подобриот финиш на центарци и поените на Горјан Марковски, Пол Џексон и Недим Мустафица донесоа подносливи шест разлика за битолчани на влезот во последната четвртина (69-63). 

Подолгата клупа на пелистерци го доведе натпреварот до десетина разлика на влезот во последните четири минути. Сепак, возврати Пол Џексон, кој подржуван од Горјан Марковски го одржуваше Работнички во натпреварот. Кесар и Младеновиќ погодија клучни тројки, а Стојан Ѓуроски погоди едно слободно фрлање за финални 88-84. 

Во составот на Пелистер се истакнаа Србите Кесар со 19 и Малешевиќ со 15 поени, додека кај Работнички блеснаа Џексон со 29 и Мустафица со 23 поени.