„Женскиот Дурант“ ја водеше БиХ до триумф против Македонија

Кошаркарската репрезентација на Босна и Херцеговина ја оправда фаворитската улога и запиша убедлива победа против Македонија (64-80) во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2023 година.

Балканската пресметка заврши во корист на гостинот кој имаше предност од почетокот па до крајот. Босна ниту еднаш не се доведе во ситуација да стравува за триумфот, а нашите кошаркарки кои беа без Кметовска и имаа проблем со Дјуана Бонер, која играше повредена и далеку под своите можности, двапати се приближија во првиот дел, ама немаа сили за повеќе.

Хероина во победата на БиХ беше феноменалната Џонквел Џонс. Девојката која е позната по прекарот „женскиот Кевин Дурант“ поради нејзините феноменални способности и во скок-играта и во шутот заврши со 30 поени и беше пред Џебо со 17 поени. Кај Македонија најмногу се истакна капитенката Анџелика Митрашиновиќ со 24 поени.

Македонија покрај од БиХ овој месец загуби и од Германија. БиХ, пак, е лидер на табелата со две победи на две средби. Квалификациите за ЕП 2023 продолжуваат во месец ноември кога Македонија гостува кај Белгија.