Украина ќе гостува во Скопје, а ќе биде домаќин во Рига

Сениорската селекција на Украина нема да се откаже поради воената состојба и ќе продолжи со настапите во квалификациите за Светското првенство кое ќе се игра во 2023 година во Јапонија, Индонезија и Филипини.

Федерацијата постигнала согласност наредните натпревари од светските квалификации да ги игра на територијата на Летонија, поточно во главниот град на оваа балтичка земја – Рига. Така, на 1 јули Украина ќе ја пречека селекцијата на Грузија во натпревар кој ќе се одигра во Арената „Рига“.

Една недела подоцна, на 7 јули, украинскиот национален тим ќе ја пречека и Шпанија за да го одигра оној одложен натпревар од 4. коло од групата „Г“ во која е и нашиот национален тим.

Токму помеѓу овие два термини, поточно на 4. јули, Украина ќе ни гостува во Скопје во рамките на 6. коло од квалификациите. Останува ова да биде потврдено и на претстојниот Борд на Светската кошаркарска федерација кој треба да се одржи на 21. мај во Вилнус.