ТФТ со сигурна игра ја освои Гевгелија и стартува со победа

Екипата на ТФТ славеше на гостински терен кај Кожув (77-88) и на посакуван начин со победа ја отвори новата сезона од македонската кошаркарска Прва лига. Тимот од Тафталиџе одигра одлично прво полувреме во салата „26 Април“ во кое си го трасираа патот кон посакуваниот резултат, а вториот дел беше само формалност и одбраната на дело ја сочува позитивата од воведните дваесет минути.

  • Комплетниот натпревар меѓу Кожув и ТФТ:

Момците на Смилковски фуриозно отворија и уште во првите десет минути му дадоа до знаење на домаќинот дека нема што да бара на овој натпревар и дека бодовите ќе заминат за Скопје. На првата мала пауза се замина со веќе убедлива позитива на гостите од Скопје од 12 поени разлика (15-27), а ништо не се промени ниту во вториот квартал. Кожув можеби заигра поквалитетно од првиот дел и се подобри во двата правци, но одново немаше решение за разиграните Маслинков, Ташовски и Ленард кои го водеа својот тим до +16 на полувреме (33-49). Во првите две четвртини дури осуммина кошаркари на ТФТ запишаа поени, од кои најпрецизен беше Маслинко со десет.

Третиот квартал мина во знакот на Кожув. Марко Симоновски и Кирил Николовски дигириграа, ги постигнаа сите поени за екипата, со исклучок на еден кој беше дело на Пајиќ и намалија на 59-69. Меѓутоа, искусниот тим на ТФТ предводен од Хортон го приведе мечот во своја корист и ја запиша посакуваната победа на стартот на шампионатот во мак-баскетот.

Најдобар кај гостинот беше Хортон со 24 поени, пред Маслинко со 13 и Костоски со десет поени, додека Амир Смит и Виктор Ташовски завршија со по девет. Кај Кожув прв стрелец беше Влатко Граниќ со 23 поени, пред Марко Симоновски со 18 поени. Вреди да се напомене дека клупата на Кожув на овој меч не постигна ниту еден поен.