ТФТ му направи услуга на МЗТ и го среди Пелистер во Скопје!

Кошаркарите на ТФТ Скопје славеа во дуелот со Пелистер (89-78), во рамките на седмото коло на плеј-офот на Суперлигата на Македонија. Со оваа победа пелистерци го препуштија врвот на ривалот МЗТ Скопје, а екипата од Тафталиџе им направи услуга на „штрковите“. Победникот на Купот за првпат го победи тимот на Илиевски во натпревар за бодови сезонава, по трите порази во регуларниот дел и Суперлигата. Со овие бодови ТФТ остана со опции за третото и четвртото место, за кои се борат и Гостивар и Еуро Никел. 

  • Комплетниот натпревар меѓу ТФТ Скопје и Пелистер:

Средбата во Скопје тргна во знакот на домаќинот, ТФТ отвори со серија од 8-2, но не успеа да ја одржи позитивата долго. Пелистерци се вратија до егал, а потоа и поведоа. Сепак, дојде до ново израмнување пред истекот на првите десет минути. Битолчани беа подобар ривал до полувремето, имаа минимално водство ама не го материјализираа тоа, па на пауза се замина со 42-45. 

ТФТ добро тргна по паузата, го презеде водството и дојде до дотогаш највисоките +8. Веќе во четвртата четвртина домаќинот зголеми на двоцифрена предност, а Пелистер немаше одговор на тоа. До крајот скопјани се одлепија и заслужено дојдоа до победата. 

Никола Малешевиќ беше најдобар поединец на натпреварот со 29 поени, додека Хортон во ТФТ уфрли 25. Игор Кесар имаше „дабл-дабл“ ефект од 22 поени и десет скока, но бадијала бидејќи пелистерци го загубија дуелот.

Во следното осмо коло, кое може да биде и одлучувачко за финалниот пласман и учесниците во плеј-офот, Пелистер гостува во Гостивар, а директен дуел во Кавадарци играат Еуро Никел и ТФТ.