ТФТ е како казнена експедиција – четири од четири во Првата лига

Екипата на ТФТ продолжи со добрите партии на домашната сцена и повторно победи. Овој пат, „жртва“ на тимот од Тафталиџе беше младиот тим на МЗТ Скопје Уни Банка (91-85), триумф со кој се дојде до четири победи на четири средби.

  • Комплетниот натпревар на ТФТ и МЗТ Скопје УБ:

Кошаркарите на Боро Смилковски се единствените кои се со максимален учинок оваа сезона во елитата. Пред триумфот над МЗТ Скопје УБ, тимот ги победи Кожув, Еуро Никел и Куманово и тоа со убедлива разлика. Следниот меч за тафталиџани ќе биде голем испит, против најтрофејниот Работнички.

Што се однесува до натпреварот, десет минути беа доволни за ТФТ да ја зграпчи посакуваната победа. МЗТ Скопје Уни Банка предводен од тренерот Перо Блажевски даде отпор, по првите десет минути беше 25-25, но следниот квартал беше „црн“ и токму тој пресуди. Во вториот период ТФТ постигна 29 поени, прими 14, па затоа на паузата имаше 54-39. Потоа, беше полесно да се игра. Аеродромци бркаа негатива, која успеаја да ја направат само два поени во самиот финиш (85-83), меѓутоа Маслинко и Хортон ги решија дилемите околу победникот.

Деветнаесет поени постигна Ландриус Хортон кај ТФТ и беше прво име кај стрелците пред Страхил Николо со 17 поени. Маслинко заврши со 14, а дури тројца имаа по десет, тоа се Костоски, Сапунџиев и Ташовски. Кај МЗТ 2, Ренсом постигна 29 поени, Петровски заврши со 16, додека Митевски беше стрелец на 14 поени.