Стартуваат промените: Тони Симиќ ја презеде клупата на Работнички

Како што веќе најавија на вчерашната прес-конференција, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и првиот човек на клубот, Ристо Гапиќ, стартуваа реформите во редовите на најтрофејниот тим во мак-кошаркарата, Работнички. 

Тимот во следната сезона ќе добие нов предводник, бидејќи клупата од Мираковски ќе ја презеде клупската легенда, Тони Симиќ. Човекот кој зад себе има богата играчка кариера низ Македонија е многу почитуван меѓу фановите на Работнички, па се очекува да добие огромна поддршка. 

Иако кариерата ја започна во МЗТ Скопје, каде што одигра пет сезони, Симиќ премина во редовите на лутиот ривал и беше означен како предавник. Сепак, во Работнички настапуваше од 1998 до 2009 година, со исклучок на кратката авантура во Котвица. Потоа настапуваше за Вардар и Торус, пред да се врати во „Градски парк“. Кариерата ја заврши со настапи низ Лирија, Фени Индустри и Гостивар во 2016 година.