Смилковски: Целта на ТФТ Скопје оваа сезона е пласман во Суперлигата

Дебито во ФИБА Европа Купот е минато за кошаркарките на ТФТ Скопје, кои по завршувањето на авантурата во Русија, ги започнуваат обврските во домашниот шампионат.

Прва пречка за амбициозниот тим од Скопје е Кожув, во натпревар кој се игра во Гевгелија. Боро Смилковски, тренерот на ТФТ Скопје вели дека целите на клубот оваа сезона ќе бидат пласман во разигрувањето за титулата.

„Претходната сезона целта беше опстанок, а оваа сезона одиме амбиција погоре, односно пласман во Суперлигата. Доколку имаме шанса за повеќе сигурно ќе се обидеме да ја искористиме. Мислам дека ќе биде изедначено првенство со неколку екипи кои отскокнуваат. Но, во секој случај мислам дека не постои непобедлива екипа, и секој може да добие секого. Секој натпревар е важен и знаеме како беше претходната сезона, кога во последното коло се одлучуваше за крајниот изглед на табелата“, вели Смилковски.

Покрај дуелот меѓу Кожув и ТФТ Скопје, денес ќе се одигра уште еден натпревар од првото коло, меѓу екипите на Куманово и Ангели.