Седма победа во низа за Пелистер, Кожув надигран во „Боро Чурлевски“

Кошаркарите на Пелистер се израмнија со водечкиот Гостивар на прволигашката табела, со денешната седма победа во низа во домашното првенство против Кожув (96-84) на домашен терен во Битола. Вклучувајќи ги и натпреварите во АБА2 лигата, тимот на Илиевски има единаесет победи на последните дванаесет натпревари. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Кожув: 

Гостите парираа неколку минути, но потоа на сцена стапи домашниот тим, кој започна серија со која побегна на двоцифрена разлика. Многу брзо беше решено прашањето на победникот, бидејќи големито фаворит се одлепи и започна да игра со висок квалитет, кој беше голем проблем за гевгеличани. До паузата пелистерци продолжија во исто темпо, ефикасно во нападот и солидно во одбраната, па не чудеше резултатот по првите дваесет минути од мечот (55-37). Во овој период Мустафица беше непогрешлив, а три тројки по ред постигна Карпентер. Играта во одбрана беше клучна за тимот на Марјан Илиевски, па победникот беше решен во првиот дел..

Домаќинот ја потврди победата со идентично добро издание во продолжението од натпреварот. Мустафица го наполни кошот на гевгеличани, за кои Ризвиќ и Гордон единствени парираа. На крајот шанса добија помладите битолски кошаркари и Кожув стигна до чесен пораз. Најефикасниот тим во лигата одново беше на граница од 100 поени и скокна на првата позиција на табелата.

Освен Караџовски, останатите четири стартери во Пелистер беа „двоцифрени“. Најмногу реализации, 24 имаше Мустафица, додека 17 даде Карпентер, иако го почна мечот од клупата за резервни играчи. Во гевеглискиот состав, првиот стрелец во лигата, Американецот Мајрон Гордон заврши со 23 поени, неговиот сонародник Хантер даде 15, Ризвиќ имаше 14, а Главчев и Јузбашиќ по десет.

Во следното деветто коло КК Пелистер гостува кај Феникс 2010, што е прв од трите дерби дуели против скопските ривали.