Радуловиќ: Сигурен сум дека комплетни ќе му се реваншираме на Пелистер за овој пораз!

Беше тешка мисија да се победи Пелистер во Битола без Мекиќ, Рикиќ и Крстевски и со малку кошаркари во ротација кај шампионот МЗТ Скопје. Сепак, аеродромци дојдоа блиску до подвиг и дури се обидоа и со супер-финиш да се вратат во натпреварот. 

Тренерот Дарко Радуловиќ, по поразот од 82-79 ни рече:

„Очекуваме тежок натпревар, можеби и мислиевме дека ќе ни биде потешко со оглед на изостаноците. Игравме цел натпревар со само двајца високи кошаркари, а на моменти и со четворица ниски кошаркари. Имавме и грешки, што е и нормално за прв натпревар. Игравме со неколку неспремни кошаркари, кои се вратија од повреди. 

Пелистер покажа дека е зрела и полетна екипа, но сигурен сум дека на возвратниот натпревар, кога ќе бидеме комплетни, ќе им вратиме за овој пораз. Не би сакал да го коментирам судењето, но треба убаво да се разгледа. Пропорцијата на слободни фрлања е двојно во полза на домаќинот. Честитки за кошаркарите на Пелистер за победата. Се надевам дека салите ќе бидат полни како денес во Битола. Македонската лига сезонава е атрактивна за публика, ќе има надигрување и добри натпревари“.

Двете екипи повторно ќе се соочат на вториот „балон“ од АБА2 лигата, следниот месец во Подгорица.