Поделени „вајлд картите“ за АБА2 лигата, Македонија остана без трет учесник

Македонија не доби трет учесник во АБА2 лигата како што се шпекулираше, туку специјалните покани се поделени во другите земји од Јадранската лига. На денешното собрание на лигата, доделени беа двете „вајлд-карти“.

Босанскиот шампион Широки и српскиот клуб Златибор се потенцијални ривали на Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром. Последните неколку дена се шпекулираше дека Еуро Никел од Кавадарци има шанса да добие специјална покана, но Македонија нема да има и трет претставник во натпреварувањето.

Сигурни учесници во АБА2 лигата од поодамна се Борац Бања Лука, Горица, Ловќен, Хелиос Санс, Младост Максбет, Подгорица, Рогашка, Спарс, Сутјеска и Војводина.

Сезоната 2021/22 во АБА2 лигата ќе се игра во пет „балони“, а предвидено е да започне на 10-14 октомври.