Пелистерци помалку грешеа, шампионот МЗТ падна во Битола

Пелистер му се сервираше мал реванш на првакот МЗТ Скопје Аеродром за ланскиот пораз во полуфиналето на плеј-офот и го совлада во првото дерби во новиот шампионат со 82-79. Дуелот се одигра во убав амбиент и пред 1.000 гледачи во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола. Натпреварот изобилуваше со грешки и лош процент на шутот, но подолгата клупа и битолската публика беа разликата во драматичниот финиш. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром: 

Дербито беше осиромашено без повредените Малешевиќ кај домаќините и Рикиќ, Крстевски и Мекиќ кај гостите. Дуелот ривалите го започнаа во грч и многу грешеа. Шампионот водеше скоро цела прва четвртина, но играта во одбрана на пелистерци и Стајиќ, кој постигна девет поени (две тројки), донесе предност за екипата на Илиевски по десет минути (20-17).

Низ серијата на грешки подобро реагираа битолчани и капитенот Трајковски и Кесар донесоа највисоки +8. Сепак, Дамјан Стојановски беше инспиратор на пресвртот на металците и со серија 9-0, тимот на Радуловиќ на крајот од вториот квартал замина со предност од 37-38. 

Скопјани подобро го отворија третиот квартал и Стојановски и Робев донесоа највисоки +8. По многубројните грешки од двете страни, сепак пелистерци реагираа и Караџовски и Младеновски намалија на -3 во пресрет на последните десет минути. Последната четвртина комплетно им припадна на битолчани. Се разигра Кесар, тројка погоди Трајковски и брзо разликата порасна до +8. Иако Американците кај гостинскиот тим и Црногорецот Милошевиќ не се предаваа Пелистер издвојува победа од 82-79.

Најефикасни кај Пелистер беа Стајиќ со 23, Кесар со 16 и Трајковски со 12 поени, додека во тимот на МЗТ Скопје Аеродром се истакнаа Дејвис со 21 и Милошевиќ со 17 поени.