Николов: Сигурен сум дека овие момци ќе бидат подготвени за борба

Со два натпревари денес ќе се затвори завесата од првото коло од новата сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија. По возбудувањата за време на викендот, првото коло ќе биде затворено со дуели меѓу Кожув и ТФТ Скопје и Куманово со Ангели.

Во Гевгелија, тимот на Кожув ќе се судри со амбициозниот скопски тим, кој по неуспешното дерби на европска сцена (ФИБА Европа Купот), сега ќе се фокусира на домашниот шампионат. Тренерот на гевгеличани Павле Николов е задоволен од сработеното во подготовките и сигурен е дека неговите избраници се подготвени за борба.

„Доста добро ги одработивме подготовките за новата сезона, и покрај тоа што ни недостасуваше играч на позицијата центар кој се надевам дека ќе го ангажираме што поскоро за да бидеме комплетни за првиот натпревар во сезоната против екипата на ТФТ.

Не одигравме многу пријателски натпревари во претсезоната, но она што можев да го видам на теренот, сигурен сум дека овие момци ќе бидат подготвени за борба. Очекувањата се пласман во Суперлигата, на тоа целиме. Задржавме дел од костурот на екипата од претходната сезона и го дополнивме со неколку квалитетни имиња. А доколку нè служи здравјето зошто да не направиме и нешто повеќе“, вели тренерот на Кожув, Павле Николов. 

Натпреварот меѓу Кожув и ТФТ Скопје се игра денес, со почеток од 17:30 часот.