МЗТ Скопје моќно го совлада Куманово и врза три домашни победи

Актуелниот македонски кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје продолжи да победува на домашна сцена, славеше убедливо над Куманово (86-68) и ја продолжи добрата серија во рамки на Првата лига.

  • Комплетниот натпревар на МЗТ Скопје и Куманово:

По успесите против Кожув и Еуро Никел, кошаркарите на Дарко Радуловиќ лесно го надиграа и ривалот со кој лани доста се мачеа и со скор 3-1 се вратија меѓу најдобрите на табелата. Аеродромци оваа година загубија само од Пелистер во домашната лига, а следното коло носи „братски“ натпревар со вториот тим, па се очекува уште една рутинска победа на фаворитот.

Изедначен беше само првиот квартал, во кој резултатот гласеше 21-21. Потоа почна доминацијата на МЗТ. На полувремето „штрковите“ имаа единаесет поени позитива (50-39), за по паузата да следи тотален распад на Куманово кој домашниот тим го искористи, па се одлепи на 67-48 и го реши прашањето околу победникот уште пред влезот во последните десет минути од средбата во „Јане Сандански“. Проблем на Куманово во овој квартал беше неефикасноста, затоа што тимот на Ѓорѓиевски направи премногу грешки во нападите, загуби топки, промаши доста отворени шутеви и постигна само седум поени.

Одличен во победата беше капитенот Дамјан Стојановски со 25 поени, пред Дејвис со 16 и Милошевиќ со 13 поени. Кај кумановчани Каплановиќ заврши со 17 поени, младиот Настовски имаше 15, а Кејлеб уфрли 12 поени.