Мустафица: Ни недостига класична „петка“, чекаме да заздрави Љубомир Младеновски

Кошаркарите на Пелистер ја продолжија победничката серија во домашниот шампионат и преку Кожув стигнаа до лидерската позиција на табелата. 

Во Битола „зелено-белите“ славеа со 96-84, во натпревар во кој најдобар поединец беше Недим Мустафица со 24 поени. Босанскиот интернационалец го анализира сигурниот триумф над тимот од Гевгелија.

„Уште една рутинска победа за нас, со која ја продолживме победничката низа. Сега нè очекуваат две тешки гостување во Скопје, против Феникс и ТФТ. Заморот се почувствува, но одлично се справивме со тоа. 

Ова е втора сезона за мене во Македонија. Во Пелистер има неколку играчи кои што ја водат екипата и речиси на секој натпревар има по еден поединец кој што се истакнува. Ни недостига една класична „петка“ во ротацијата, но со многу борба и игра со срце го надокнадуваме тоа. Се надевам дека за вториот дел раководството на клубот ќе донесе играч на таа позиција, односно доколку заздрави Младеновски ќе бидеме во комплетен состав“, рече Мустафица.

Во следното коло, за пет дена, Пелистер ќе се сретне со Феникс во Скопје, а потоа силите ќе ги одмери со ТФТ.