Македонија У20 испушти „плус 18“, па во екстра-времето ја реши Романија

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години ја совлада Романија по потешкиот пат. Иако нашите надежи имаа високо водство, се радуваа дури по продолженија (79-78) на ФИБА Челенџерот кој се игра во Шолнок, Унгарија.

Македонија У20 ја имаше контролата на игра во текот на целата средба. Во еден момент водеше и со 18 поени (49-31), но потоа следеше голем пад и противникот тоа го искористи. Се врати Романија во мечот, Македонија во финишот пропушти напад за победа преку Митевски, па прашањето околу победникот се реши во екстра-времето во кое Савиќевиќ даде клучна тројка.

Најдобар кај Македонија беше Виктор Исајлоски со 15 поени и девет скока, пред Давид Наумоски со 13 поени и девет скока, исто колку што имаше и Љубиша Димитровски (13 поени, пет скока). Двоцифрени беа и Дарио Митевски (12п) и Павел Данаиловски (10п), додека кај Романија најмногу се истакнаа Дуика со 19 и Колчеаг со 18 поени.

Македонија претходно славеше и над Луксембург, а во третата рунда која на програмата е утре од 16:30 часот следи натпревар против Швајцарија.