Кожув врза две победи во низа, ветеранот Николовски му пресуди на Еуро Никел

Кошаркарите на Кожув конечно успеаја да врзат две победи во Првата македонска кошаркарска лига, откако во Гевгелија падна Еуро Никел со резултат 86-79. Клучен играч во победата на својот тим беше искусниот Кирил Николовски, кој со одличен „дабл-дабл“ го предводеше тимот во двата правци.

Гевгеличани тргнаа подобро, рано поведоа со 14-6 и најавија добар натпревар. Сепак, Еуро Никел се врати во игра и до крајот на првиот квартал поведе. Слична беше ситуацијата и во вториот период, бидејќи до полувремето гостите имаа предност која беше на горната едноцифрена граница. На пауза кавадарчани заминаа со водство од 48-40. 

На стартот од вториот дел, првпат една екипа поведе двоцифрено. Сепак, наместо Еуро Никел да ја материјализира предноста, лесно ја прокоцка и Кожув се врати до водство. Последната четвртина беше неизвесна, барем до неколку минути пред крајот. Тогаш домашната екипа се одлепи, направи предност од неколку напади и на крајот славеше победа. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Кожув и Еуро Никел: 

Николовски натпреварот го заврши со двоен ефект од 28 поени и 14 скока, додека одлична офанзивна партија имаше и Вилијамс со ист број реализации. Кај Еуро Никел се истакна Томиќ со „дабл-дабл“ (22 поени и десет скока), како и Дарко Соколов (21 поен).