Костоски: Не гледам статистика, важни ми се победите на ТФТ

ТФТ со победа тргна во Првата лига, славеше на гости кај Кожув (77-88), а на овој натпревар на домашната сцена во дресот на тимот од Тафталиџе дебитираше новиот плејмејкер Александар Костоски.

На првиот официјален натпревар поранешниот репрезентативец на Македонија заврши како трет стрелец со десет постигнати поени. По дуелот, Костоски истакна дека резултатот радува и дека победата е најважна.

„Заслужено победивме, ова беше нашето најдобро полувреме досега и тука ја завршивме целата работа, иако имавме мал пад во играта во вториот дел. ТФТ го заслужува најдоброто и да победува, затоа што луѓето во клубот даваат се од себе сите ние да бидеме среќни и задоволни. Оваа победа е за целиот клуб, до сите наши фанови. Многу важно е кога ќе се тргне со победа посебно на гостински терен против директен конкурент и тоа со скратена ротација. Одиме понатаму, но чекор по чекор, да ги оствариме нашите амбиции“, изјави Костоски.

На овој меч се случи нешто несвојствено за Костоски, имаше шут за три 0/8. Тој ја прокоментира оваа статистика и уште еднаш посочи дека триумфот е најважен.

„Не ми одеше шутот за три на овој натпревар. Но, би шутирал секогаш 0/8 за три само ако ТФТ победува. Најважни ми се победите на тимот, не ја гледам никогаш личната статистика и ме радува што си заминуваме со победа од Гевгелија“, заврши шутерот.

Во следното коло од Првата лига кое на програмата е на 9 октомври ТФТ го чека домашен натпревар против Еуро Никел кој во првата рунда исто така победи, во фото-финиш против Гостивар.