Кошаркар на Кожув: Сите велат НБА е најдобра, но во Европа...

Чез Вилијамс беше еден од подобрите кошаркари на Пелистер во минатата сезона, но нема да остане меѓу „зелените“, затоа што се договори кариерата да ја продолжи во гевгелиски Кожув.

Во интервју за „Газетанет“, интернет-страница која направи приказна за детскиот кошаркарски камп на Вилијамс во САД, инаку прв за него, кошаркарот зборуваше за НБА и европската кошарка.

„Европа има свои предности и негативни работи за мене, но јас го сакам она кое го правам. Сакам да бидам професионален кошаркар и сакам да ја нарекувам кошарката „моја професија“. Сите мислат дека во НБА тоа е тоа, но веднаш штом заминеш во Европа и кога ќе го видиш начинот на живот, односно како луѓето живеат таму, културата, како те третираат, тогаш ќе размислуваш различно. Да бидеш во Европа е повеќе од она типичното - дом далеку од домот - тоа претставува навистина свеж старт за секого“, изјави Вилијамс.

Чез Вилијамс во Македонија играше само за Пелистер, а во Европа е од 2016 година. Ги носеше дресовите на швајцарски Женева Лајонс, фински Корихајт, исландски Пор и Нјардвик и полски Морски Шчешин.