ВИДЕО: Кари продолжи да „решета“ во Кливленд, Јокиќ не спречи нов пораз на Денвер

Кари

Одличната форма Голден Стејт Вориорс ја потврди на гостувањето кај Кливленд Кавалирс (89-104). Нова фантастична партија одигра Стеф Кари, кој постигна дури 40 поени. Најдобриот играч на „воините“ игра на МВП ниво и најавува дека неговиот тим ќе се бори за највисок пласман во тековната сезона.

Денвер Нагетс не ја искористи солидната вечер на Никола Јокиќ и загуби на домашен терен од Филаделфија 76ерс (89-103). Српскиот центар, откако се врати од суспензијата, прикажува одлични игри. На оваа средба запиша 30 поени и десет скока, кои не беа доволни за да се избегне поразот.

Со пресвртот во вториот дел Јута Џез го надигра Торонто Репторс во Солт Лејк Сити (119-103). Гостинскиот тим одржуваше резултатски приклучок во првиот дел, а потоа дозволи убава серија на ривалот, кој одигра второ полувреме за победа. Донован Мичел постигна 20 за домаќинот, а Фред ВанФлит заврши со 24 поени кај гостинската екипа.

Мемфис Гризлис ја прекина серијата на Лос Анџелес Клиперс (120-108). Лошата вечер на првотимците на гостинскиот тим ја искористија Гризлиси, за да ја израдуваат својата публика. Џа Морант со 28 поени беше најефикасен на теренот.

Мајами и Минесота ја одбранија честа на домаќините и победија против Вашингтон, односно Сан Антонио.