Илиевски пред дербито со МЗТ: За мене не постои прогноза на почеток и крај, туку...

Распоредот на новата кошаркарска сезона во Македонија донесе супер-дуел уште во првото коло. Шампионот МЗТ Скопје гостува во Битола, против тимот кој лани беше фантастичен во регуларниот дел од сезоната и новата ја отвора со високи амбиции.

Стратегот на пелистерци, Марјан Илиевски вели дека за него не постои прогноза на почеток и крај, туку на теренот треба да се излезе за да бидеш подобар од противникот, и да го дадеш својот максимум. 

„Можам да кажам дека сум презадоволен од пристапот на сите играчи и дека максимумот кој го даваа досега ќе продолжат да го даваат и во текот на сезоната. За мене лично, не постои прогноза на почеток и крај. Секогаш излегуваш на теренот за да бидеш подобар од противникот, и да го дадеш својот максимум. Без разлика дали ќе се сретнеш со екипа која е претендент за титула или опстанок. 

Во однос на меѓународното натпреварување сепак Пелистер е клуб кој за кратко време прави огромни чекори и за истите се прескокнати многу скалила за да се игра едно вакво натпреварување плус. Сепак тоа е предизвик за управата. Ние сите имаме зад себе меѓународни натпреварувања и знаеме што значи тоа. Моја надеж и желба е на секој натпревар да го дадеме максимумот“, вели тренерот Илиевски.

Натпреварот меѓу Пелистер и МЗТ Скопје е закажан за денес со почеток од 18:30 часот, а влезот во салата „Боро Чурлевски“ ќе биде слободен.