• Горан Упале

Koшаркарите на Милвоки Бакс, благодарение на одличната игра во одбраната во финишот на Џру Холидеј, го добија петтиот натпревар од серијата и сега во полуфиналето на Истокот водат со 3-2 против Бостон Селтикс (110-107).
Во Бостон беше одигран фантастичен и крајно неизвесен дуел. Домашните кошаркари ги контролираа случувањата на теренот во првите три четвртини. Тејтум и Браун имаа одлична вечер и го водеа својот тим до плус девет пред последниот квартал, но во клучните моменти поконцентрирани беа гостите од Милвоки, особено Холидеј кој во последните секунди прво запиша блокада, а потоа украде топка и ја сочува победа на својот тим.
Антетокумбо натпреварот го заврши со 40 поени, 11 скока и три асистенции, а херојот Џру Холидеј постигна 24 поени. Во редовите на Селтикс најдобар беше Тејтум со 34 поени, шест скока и четири асистенции, додека Браун додаде 26 поени.
За разлика од Бостон, во Мемфис домашниот тим на Гризлис имаше доминантна партија со фаворизираниот Голден Стејт Вориорс и со победата од 134-95 намали на 3-2 во полуфиналната серија во Западната конференција.
Иако лишени од услугите на најдобриот играч Џа Морант, Гризлис од почетокот наметнаа свое темпо. Напаѓачите целосно го уништија Голден Стејт и на крај заслужено славеа победа со убедливи 39 поени разлика.
Во победничкиот тим Бејн, Џексон и Џонс постигнаа по 21 поен, а двоцифрени беа уште Брукс (12), Кларк (11), Вилијамс (11) и Мелтон (10). Клеј Томпсон беше најефикасен во редовите на Голден Стејт со 19 поени.