• Иван Димовски

Екипата на Гостивар славеше на гостувањето во Скопје кај Феникс 2010 со 60-73, во пресметката од седмото коло на Суперлигата на Македонија. Гостиварци со оваа победа се одржаа на четвртата позиција и нишанат кон плеј-офот на лигата.
- Комплетниот натпревар меѓу Феникс 2010 и Гостивар:
Натпреварот тргна изедначено, со егал и почетно водство на гостите. Гостивар не успеа да се одлепи, ама се одржа во минимална предност. На стартот на продолжението гостинот дојде и до +8, кои сепак лесно ги испушти. Сепак, Феникс 2010 немаше сили за да поведе во дуелот, а во завршницата на полувремето гостиварчани направија одлична серија и заминаа на пауза со 33-48.
Слично продолжи и второто полувреме, гостинот имаше главен збор и се одржуваше во висока позитива. Во третиот период Гостивар поведе и со највисоки +20, а иако домаќинот пријде на 12 поени дефицит, немаше промена на текот на дуелот. Фаворитот рутински го заврши натпреварот и запиша двоцифрен триумф.
Андреј Митревски со 22 и Павле Михајловски со 21 поен беа најкорисни на паркетот од Феникс 2010, додека Ефремовски од Гостивар уфрли 15 поени во колективно одличниот тим.