Ѓорѓиевски: Сакам да наметнеме свој стил на брза кошарка, резултатот сам ќе дојде

Кошаркарите на Куманово против новиот член во елитата, Ангели, ќе ја стартуваат новата сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија.

Амбициите на кумановчани и оваа сезона се високи, а тренерот Игор Ѓорѓиевски вели дека доколку тимот успее да наметнеме свој стил на брза и атрактивна кошарка, резултатот сам ќе си дојде.

„Подготовките ги започнавме околу 15 август во нашата спортска сала „Перо Наков“, каде трениравме два пати на ден се со цел што подобро да се подготвиме во пресрет на новата сезона каде нè очекува борба на три фрона. БИБЛ лигата, ФИБА Еврокупот и домашно првенство.

Играчкиот ростер го комплетиравме и сега нестрпливо го очекуваме стартот. Одигравме неколку пријателски средби каде пробувавме комбинации за што подобро воигрување на кошаркарите. Искрено посакувам што подобро да се претставиме во сите натпреварувања како и што подалеку да отидеме во сите од нив. Задоволен ќе бидам ако наметнеме свој стил на брза и атрактивна кошарка, а резултатот сам ќе си дојде“, вели Ѓорѓиевски.

Куманово беше еден од македонските преставници во ФИБА Европа Купот, но забележа елиминација уште во првото квалификациско коло.