ВИДЕО: Феникс продолжува да „гази“ сè пред себе, против Денвер до 12-та победа во низа

Кошаркарите на Феникс Санс продолжуваат со фантастичната серија во новата сезона на НБА лигата и ноќва ја впишаа својата дванаесетта победа во низа во елитата. Нова „жртва“ на второпласираниот тим во Источната конференција беше Денвер Нагетс, кој на крај загуби со убедливи 126-97.

Феникс дилемата на победникот ја реши уште во првата четвртина, затоа што во воведните 12 минути одигра атомска кошарка и со 48 постигнати поени си создаде позитива од 20 поени. Во продолжение Денвер имаше неколку обиди да се врати во игра, но отсуството на Никола Јокиќ беше видливо, па победата на крај заслужено остана во Феникс.

Ајтон и Џонсон со по 22 поени беа водечка сила на Санси, додека кај Денвер се истакна Грин со 19 поени.

Значајна победа забележа и тимот на Голден Стејт Вориорс, кој со сигурни 119-104 славеше над Торонто Репторс. Стеф Кари не беше расположен за игра и натпреварот го заврши со само 12 поени, но тука беа Пул и Вигинс со 33, односно 32 поени. Во поразениот тим прв стрелец беше Сиакам со 21 поен.

Леброн Џејмс го одигра вториот натпревар по повредата за Лос Анџелес Лејкерс, но не го заврши натпреварот со Детроит Пистонс.

„Езерџиите“ славеа со 116-121, додека „кралот“ поради неспортски потег заработи исклучување на почетокот на третата четвртина. Во негово отсуство на паркетот блеснаа Дејвис со 30 и Вестбрук со 26 поени, а одличен беше и Ентони со 18 поени.