Егзибиција на пелистерци, Кожув декласиран во Битола

Кошаркарите на Пелистер му се приклулија на ТФТ Скопје на врвот со по четири победи, откако во последниот натпревар од четвртото коло, вечерва во „Боро Чурлевски“ го совладаа Кожув со 96-67. Околу илјада љубители на кошарката уживаа во одличното издание на битолчани, кои од натпревар во натпревар играат подобро и подобро. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Кожув: 

Гостите почнаа одлично и водени од Марко Симоновски поведоа со 1-7. Сепак, реагираа момците на Илиевски и полека ја стопија предноста на гевгеличани. Се разиграа Србите Кесар и Малешевиќ, погодуваше и Стајиќ и домаќинот дојде до предност. Подобрата игра во одбрана на битолчани им донесе +8 по првиот квартал. 

Пелистер моќно ја почна и втората четвртина. Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски и Димитар Караџовски предноста ја направија двоцифрена, а во играта во одбрана домаќинот беше многу подобар. Со егзибициска игра на моменти Пелистер на големиот одмор замина со 49-30.

 

Расположениот Трајковски третата четвртина ја започна со три тројки и кога предноста достигна +29, гостинската клупа повика минута одмор. Инерцијата на натпреварот беше видлива, се играше без одбрани и пелистерци лесно го приведоа натпреварот кон крај и славеа со 96-67.

Најефикасни кај Пелистер беа Младеновски со 16 и Трајковски и Кесар со по 16 поени, додека во тимот на Кожув се истакнаа Николовски со 22 и Вилијамс со 21 поени.