ЦСКА преговара за враќање во Евролигата, би играла надвор од Русија

Руските клубови беа исфрлени од Евролигата, па така натпреварувањето продолжи со помал број учесници. Еден од гигантите на европската кошарка, ЦСКА Москва би можел да се врати во елитата. 

Според пишувањето на „Еурохупс“, ЦСКА од следната сезона повторно може да заигра во Евролигата. Бидејќи поседува А лиценца, рускиот клуб веќе преговара со челниците на лигата за кам-бек. 

„Наша голема желба е да играме во Евролигата и тоа само по себе не е доволно бидејќи многу фактори влијаат на оваа одлука, особено политички. Рускиот спорт е во тешка ситуација, сега е тренд да се исфрлат Русите од натпреварувањата. Нашите фудбалски клубови и репрезентации беа исфрлени од УЕФА, хокејот се игра без Руси, нè исфрли и Евролигата. 

Да бидеме искрени, сакаме да играме. Поднесовме барање во Евролигата, писмото го доби бордот на директори и акционерите се спремни за дискусија. Размислуваме домашните натпревари да ги играме во Белград или Истанбул, бидејќи контактите со Евролигата не прекинаа ниту еднаш“, порача претседателот Андреј Валутин. 

На претстојниот „фајнал-фор“, турнир кој ќе се одржи во Белград, се очекуваат неколку состаноци на кои може да биде познато повеќе на темата.