БиХ гостува во Скопје, се очекува дуел на Американките Џонс и Бонер

Вечерва во Скопје, во рамките на  второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2023 година, ни гостува силната репрезентација на Босна и Херцеговина. Селекција која бележи рапиден напредок последните години. Босанките играа и на Евробаскетот минатото лето, а таму беа и најпријатно изненадување, освојувајќи го петтото место.

Дефинитивно, најголемата причина за успесите на БиХ е натурализираната Џонкел Џонс, актуелен МВП од основниот дел на сезоната во ВНБА. Кошаркарка која на првиот натпревар од овие квалификации, и победата од 87-81 против Белгија (третопласирана од последното Европско првенство), постигна 44 поени и 22 скока и оствари индекс 51.

Единствениот лош сегмент во нејзината игеа беа загубените топки кои ги имаше дури седум. Од друга страна, во нашиот тим силно го очекуваат и го посакуваат враќањето во тимот на Девана Бонер, и на Ивана Кметовска. Ако се биде во ред, публиката во Скопје ќе има ретка прилика да го види меѓусебниот дуел на двете соиграчки, но и добри пријателки, Девана Бонер и Џонкел Џонс.

Влезот на натпреварот кој се игра во недела од 19:00 часот, во салата на СРЦ „Кале“ ќе биде слободен.