Ашаданов скрати список, Македонија со 12 имиња во циклусот за ЕП

Селекторот на женската кошаркарска репрезентација на Македонија, Александар Ашаданов, го скрати списокот на играчи и ги објави 12-те кошаркарки со кои ќе тргне во квалификациите за Европското првенство.

Големиот број на повреди и отсуства направија да недостасуваат неколку играчи на кои се сметаше. Но, добра вест е што Македонија ќе ги има Дјуана Бонер од САД и капитенката Анжелика Митрашиновиќ кои од вечерва се со тимот.

Во составот на Македонија се наоѓаат Анжелика Митрашиновиќ (Тарб, Франција), Илина Селцова (Пик, Унгарија), Дјуана Бонер (Конектикат Сан, САД), Тијана Митрева (Динамо Сасари, Италија), Марија Димитријевиќ (Бадел 1862), Матеа Николиќ (Канзас Сити, САД), Ивона Кожобашиовска (Динамо Сасари, Италија), Нена Трајчевска (Бадел 1862), Александра Стојановска (Бадел 1862), Кате Поп-Димитрова (Баскет Кам), Драгана Петковска (Вардар) и Елена Тасевска (без клуб).

Во првиот квалификациски круг, нашите девојки ги чекаат два натпревари. На 11 ноември и гостуваме на Германија, додека три дена подоцна, во Скопје, ја пречекуваме селекцијата на Босна и Херцеговина.