Ајви: Благодарност до МЗТ, соиграчите, тренерите и „Фемили“ за поддршката

Кошаркарите на МЗТ Скопје во деликатен дел од сезоната останаа без еден од главните играчи. Бре Ајви замина и се пресели во Полска, па во продолжението на сезоната ќе настапува во тамошното првенство.

Ајви пристигна во МЗТ Скопје минатата сезона, стана првак на Македонија и беше важен дел во тимот. По заминувањето, преку социјалните мрежи Американецот испрати емотивна порака. 

„Имам неверојатна благодарност за сè што се случи за моето време во МЗТ Скопје. Благодарам на клубот и тренерите за шансата која ја добив. Морам да ги посочам и навивачите кои ни ја даваа целосната љубов и поддршка. Благодарен сум на соиграчите кои ми станаа како браќа. Сега, патот ме одведе на нова страна. Само љубов до поранешниот клуб“, напиша Ајви.

МЗТ Скопје ќе мора да се судри со Борац в сабота со еден плејмејкер, а веројатно во текот на наредниот период ќе бара адекватна замена за Ајви.