Скендеровски: Шанса ќе добијат помладите, сигурен сум дека ќе го дадат максимумот

Македонската футсал репрезентација вечерва против Романија во Темишвар ги затвора квалификациите за пласман на Европското првенство. 

По поразот од БиХ во претходното коло нашате селекција ги загуби шансите за континенталниот собир, па затоа селекторот Васко Скендеровски против Романија шанса ќе има даде на помладите репрезентативци како и на оние кои имаа помала минута на претходните натпревари.

„Ќе одиграме натпревар без притисок. Шансите за ЕП ги загубивме на последниот меч против БиХ во Скопје по несреќениот и неправеден пораз од 2-3. На овој натпревар, исто така, ќе бидеме драстично ослабени заради неиграњето на неколкумина стандардни првотимци (Даниел Де Соуза, Леовски, Глигоров, Мицевски, Зибери), како и фактот дека ќе недостасуваат во однос на дуелот со БиХ и капитенот Ранготов, првиот голман Петровски и Сулејмани.

Ова е шанса за некои помлади играчи да ги покажат своите квалитети во еден натпревар без резултатско значење за нас, посебно што голем дел од нив прв пат го облекуваат репрезентативниот дрес. Мораме веќе да создаваме нова репрезентација за следниот циклус, што беше и моја примарна цел. Романија ќе биде комплетна, секако дека е голем фаворит со нивниот квартет Бразилци, но зошто да не се обидеме растеретени да направиме ново изненадување и да го продолжиме континуитетот на добри игри во овие квалификации. Да не заборавиме дека до минатото коло бевме во сериозна игра за пласман на ЕП и само немањето среќа во последните 15-на секунди против БиХ нè оддалечи од шансата за пласман на големо натпреварување. Можам да ветам дека сите играчи кои се тука во Темишвар со нетрпение очекуваат да го дадат својот максимум и сигурен сум дека нема да ги разочараме љубителите на спортот во нашата земја“, вели селекторот.

Дуелот меѓу Романија и Македонија започнува од 18:00 часот.