Иднината на Железарец под знак прашалник: Си замина првиот човек во клубот Скендеровски

Официјалната клупска странiица на македонскиот футсал шампион, екипата на Железарец точно напладне објави информација за напуштање на клубот од страна на првиот човек, Васко Скендеровски, кој беше главен спонзор и до неодамна тренер. 

„Разговаравме со Васко Скендеровски, првиот човек на Железарец и главен спонзор на нашиот шампион, кој едноставно изјави дека тој се повлекува од Железарец и дека приказната за негово ангажирање во екипата е завршена работа. Тој исто така ни изјави дека во текот на наредната недела ќе одржи прес-конференција, на која ќе ги објави причините за оваа негова одлука како и за следните негови активности во Македонскиот футсал. Од страна на Скендеровски ни беше потенцирано дека ќе ја извести УЕФА за оваа негова одлука и дека планира откажување на организацијата на групата од Футсал купот на УЕФА“, стои меѓу другото во веста објавена од клубот.

Со новонастанатата ситуација, и најавите дека клубот ќе го откаже настапот во УЕФА Купот, се наметнуваат многу прашања за иднината на клубот, како на пример тоа дали заминувањето на Скендеровски значи крај на постоењето на најуспешниот футсал клуб во историјата на Македонија.