ВИДЕО: Захов и Наумовски ги „спуштија ролетните“, Шкендија и Шкупи си поделија по бод

Екипата на Шкендија не го искористи домашниот терен и одигра без голови на дербито против лутиот ривал Шкупи (0-0), во последниот натпревар од шестото коло на ПМФЛ. Желбата за победата беше видлива кај двете екипи, но голманите Захов и Наумовски без расположени меѓу стативите и не дозволија капитулација, иако на неколку наврати беа ставени на сериозни маки.  

Првото големо дерби во ПМФЛ оваа сезона, кое беше одложено поради трагедијата што се случи во Тетово на осми септември, започна со мирна и претпазлива игра. Иако двете екипи формациски беа офанзивно поставени, првиот дел не донесе атрактивен фудбал, односно повеќе се тактизираше отколку што се мислеше како да се пробие противничката одбрана.

Затоа првата полушанса пристигна дури во 18. минута, кога Адем од далечина имаше неуспешен обид да го изненади Захов. Шкендија првпат се закани во 31. минута, откако Хебај биеше во блокот од непосредна близина. Токму по овие шанси пред двата гола, актерите на натпреварот како да се ослободија од притисокот и финалните петнаесет минути од првото полувреме на „Градскиот стадион“ во Тетово се играше нешто поофанивно, а тоа донесе и неколку возбудувања на двете страни. Во 37. минута Мерџани ја смести топката во посакуваната цел и го совлада Наумовски, но неговиот гол беше поништен поради офсајд, додека пред паузата Елези од полулево биеше над голот на чаирчани.

Вториот дел започна како што заврши првиот – со неколку шанси пред двата гола. Прв се закани Радески со глава, но биеше млако и само во рацете на Захов. Веднаш потоа Елези не ја искористи грешката на гостинскиот голман, кој истрча во празно, а потоа Наумовски со одлична одбрана го сопре ударот на повратникот Алими. 

Голманот на чаирчани своите голмански квалитети одново ги покажа во 60. минута, кога со фантастичен рефлекс му одбрани зицер на Бруно Дита. По серијата шанси на домаќините, „алармот“ се вклучи во редовите на Шкупи, па Седлоски со неколку замени се реши да го освежи тимот. Нововлезениот Цветановски во 72. минута немаше среќа затоа што неговиот силен удар заврши во рамката од голот на домаќините. 

  • Пречката на Цветановски:

До крајот на дербито, Шкупи имаше иницијатива и неколку полушанси, но Захов одново беше на висината на задачата и ја сочува својата мрежа. Во самиот финиш, тетовчани бараа најстрога казна при еден старт на Сангхор, но играта не беше прекината и покрај протестирањето на домашните фудбалери.

По шест одиграни кола лидер останува Академија Пандев со 13 бода, еден повеќе од Струга Трим Љум.