Вторпат во последните 20 години, сезона во калчото стартува без Горан Пандев!

Горан Пандев низ својата кариера се етаблираше во една од легендите на италијанскиот фудбал. Струмичанецот долго настапуваше во Серија А, остави печат во клубови како Интер, Лацио и Наполи, додека играше во елитата и со Анкона и Џенова

Интересно, во последните две децении само двапати сезоната во калчото стартувала, а Пандев не бил дел од тамошна екипа. Првпат тоа се случи во сезоната 2014/15, кога струмичкиот напаѓач замина во Галатасарај. Технички гледано, Пандев беше дел од Наполи на стартот на таа сезона, ама не беше во протоколот и веќе следниот ден потпиша со турскиот гигант. Така, 2022/23 откако веќе замина во пензија, ќе биде втора сезона во изминатите 20 години која почна без Пандев. 

Легендата на македонскиот фудбал ги направи првите чекори во Беласица, од каде што на турнир за млади играчи во Италија, заработи трансфер во Интер. Сепак, тој не успеа да дебитира во сениорскиот тим, беше позајмен во Специја која играше во Серија Ц1, а во Серија А првпат заигра во сезоната 2003/04 за Анкона. По една сезона тој се врати од позајмицата, па од Интер направи трансфер во Лацио за осум милиони евра. Пандев за пет сезони во таборот на римјаните се покажа како врвен напаѓач, одигра 191 натпревар, даде 64 погодоци и запиша 20 асистенции. 

Поради тоа, на четврти јануари 2010 година по желба на Жозе Мурињо следеше трансфер во Интер, со кој ја освои фамозната „триплета“, кревајќи ги трофеите во Лигата на шампионите, Серија А и Копа Италија. По година и половина во Интер, струмичанецот замина на платена позајмица во Наполи за 1,5 милиони, а веќе следното лето беше откупен за уште 7,5. Следеше авантура во Турција, во 2014 година како бесплатен агент прејде во Галатасарај, но за една сезона се врати во Џенова и стана клупска легенда. Минатата зима „грифоните“ прелесно се откажаа од Пандев и го пратија бесплатно во Парма, па по крајот на сезоната објави крај на кариерата.

Во Серија А, Горан Пандев одигра дури 492 натпревари, постигна 101 погодок и запиша 58 асистенции. Струмичанецот е еден од најдобрите фудбалери од Балканот кои настапувале во калчото, а за жал немаше достојно испраќање во пензија.