ВИДЕО: Митроглу го реши 298. лисабонско дерби и ја одведе Бенфика на врвот

Суперквалитетно дерби во Лисабон одиграа двата главни кандидати за титулата оваа сезона и големите ривали, Спортинг и Бенфика. Освен омаразата двете екипи ги врзуваше и присуството на Жорж Жесус на клупата на „лавовите“, а лани беше на клупата на Бенфика.

Гостите се реваншираа за поразот во првиот дел од шампионатот на „Ла Луж“ и во Суперкупот на Португалија и славеа со 0-1 (0-1). Единствениот гол на натпреварот го постигна Гркот Костас Митроглу во 20. минута по поспаноста на домашната одбрана.

Неверојатно е какви шанси имаа домаќините во вториот дел, а најзрелата ја прокоцка Брајан Руиз. Костариканецот од неколку метри промаши празен гол и ја префрли топката на трибините. Домаќините бараа и пенал врз Слимани, но судијата не мислеше така. Марио во 82. минута се обиде со удар од далечина, Џеферсон ја погоди стативата, но и среќета не ги сакаше „зелено-белите“ во 298. лисабонско дерби. Во 86. минута резервнот фудбалер на Спортинг, Андре Силва заработи црвен картон. Со оваа победа Бенфика изби на врвот со два бода пред Спортинг и шест пред Порто на девет кола до крајот на првенството. 

Пред мечот Лисабон беше блокиран, а навивачите на Спортинг ги чекаа фудбалерите како шампиони. На нивна жал на теренот барем резултатски Спортинг не одигра шампионски.