Велковски одигра 90 минути, Ријека до триумф над Хајдук и Атанасов

Фудбалерите на Ријека запишаа важна победа во дербито на „Пољуд“ кај Хајдук од 1-2 (0-2), во рамките на седмото коло на ХНЛ. Дарко Велковски кој беше стартер и го одигра целиот натпревар, со своите соиграчи успеа да направи подвиг и да дојде до славје на тешкото гостување, пред кое Ријека се сметаше за аутсајдер. 

  • Хајдук - Ријека 1-2: 

Со два погодоци во првото полувреме, на Томечак и Јосип Дрмиќ, гостинската екипа дојде до двојна предност против популарите „били“. Иако по паузата Јосип Елез ја врати надежта на Хајдук, а домаќинот одигра и одлично второ полувреме, не успеа да дојде до израмнување и загуби во дербито. 

Дарко Велковски со 90 минути зад себе ќе патува за Скопје на репрезентативниот собир, а дополнително повиканиот Јани Атанасов доби шанса за игра во завршницата и мина 15 минути на теренот. 

Претходно, уште една дерби пресметка се одигра на „Градски врт“ во Осијек, каде што шампионот Динамо Загреб со 0-2 ги однесе бодовите. Со погодокот на Јакиќ во првиот дел и автоголот на Лончар во продолжението, „модрите“ стигнаа до триумф против екипата која ја води нивниот поранешен тренер Ненад Бјелица. 

  • Осијек - Динамо Загреб 0-2: 

Во Осијек, целиот натпревар за Динамо го одигра Стафан Ристовски кој се најде на стоперската позиција, додека на клупата пак остана Аријан Адеми кој сè уште не е целосно заздравен од повредата.