• Горан Упале

Екипата на Вардар, и покрај бројните проблеми со кои се соочи во текот на зимската пауза, сепак сè уште го држи чекорот со најдобрите во второлигашкото друштво, а денес со евентуална победа може и да се искачи на врвот на табелата.
Во вчерашното дерби Воска Спорт и Гостивар одиграа без голови, па така им го отворија патот на „црвено-црните“ до првата позиција. Но, за тоа, вардарци треба да слават над Караорман, тим кој во пролетниот дел од сезоната има победа и пораз, и кој никако не треба да се потцени. Вардар, пак, е во серија од три победи, од кои две по паузата, над Детонит и Борец.
Во првиот дел од шампионатот во Струга вардарци извојуваа минимална победа од 1-2. Во рамки од 20. коло во ВМФЛ, денес ќе се одиграат уште два натпревари. Слога Виница ќе ја пречека Беса, додека Локомотива ќе гостува кај Тетекс.
На вчерашните натпревари, покрај ремито меѓу Гостивар и Воска Спорт, Пелистер беше сигурен против Охрид со 3-0, со што го зачува чекорот со најдобрите во второлигашкиот шампионат. Во пресрет на денешните натпревари лидер е Воска Спорт со 47 бода, Вардар е втор со 46, додека Гостивар е на третото место со 45 бода. Битолски Пелистер е четврти со 43 бода.