ВИДЕО: Вардар е нов лидер во ВМФЛ, важни три бода за Тетекс!

Екипата на Вардар го искористи ремито на конкурентите Воска Спорт и Гостивар и со победа над Караорман (4-1) се промовира во лидер во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ).

  • Вардар - Караорман 4-1:

„Црвено-црните“ дома лесно ги победија стружани и така се првопласирани на табелата. Избраниците на Бобан Грначров ја имаат судбината во следниот период во своите раце, затоа што дојдоа до посакуваното место кое води во ПМФЛ. Николовски од пенал, Јаневски, Размоски и Митев беа стрелци за победникот, а Мишковски ја погоди сопствената мрежа при единствениот погодок на гостите од Струга.

  • Тетекс - Локомотива Пехчево 1-0:

Важни три бода во битката за опстанок освои и тетовски Тетекс, кој дома го победи тимот на Локомотива Пехчево (1-0). Погодокот вреден триумф за тимот на Марковски падна во осмата минута, кога гостинскиот голман Душан Герасимовски беше изненаден од Митров додека беше маркиран од играчи.

Лидер во ВМФЛ е Вардар со 49 бода, пред Воска Спорт со 47 бода, па следи Гостивар кој има 45 бода. Веднаш зад гостиварчани е Пелистер со 43 бода и битката за промоција до крајот ќе биде пеколна.