Уште талент на Академија Пандев замина во странство, Талаков се сели во Словачка

Академија Пандев покрај тоа што веќе неколку сезони е стабилен прволигаш, не отстапува од својата првична цел – да биде расадник на таленти кои подоцна своите кариери ќе ги продолжат во нашите најдобри клубови или во Европа.

Денес, струмичкиот тим го потврди трансферот на младиот Мартин Талаков, кој својата кариера ќе ја продолжи во Словачка. 18-годишниот играч за врска, кој е и стандарден репрезентативец на У19 селекцијата на Македонија се реши за нов предизвик во кариерата и потпиша договор со тимот на Подбрезова.

„Среќни сме и горди што реализиравме уште еден трансфер на фудбалер произлезен од нашата школа - Мартин Талаков. Заедно со играчот одлуката беше да се прифати понудата на Подбрезова од Словачка и да биде пропратна станица за идни поголеми трансфери во кариерата. Мартин, ти посакуваме многу успех и радости во новиот клуб“, велат од редовите на Академија Пандев. 

Талаков своите фудбалски почетоци ги имаше во родниот Велес, од каде се пресели во Академија Пандев. Неговата вредност според „Трансфермаркет“ изнесува 75.000 евра.