ВИДЕО: Урнебесна грешка на Ливаковиќ, Славен го изненади Динамо на „Максимир“

Првиот меч од новата сезона во хрватската ХНЛ лига донесе изненадувачка победа на Славен Белупо кај бранителот на титулата Динамо Загреб (0-2).

Фаворитот беше изненаден на домашен терен и неуспешно тргна во походот кон нов првенствен трофеј. Водечкиот погодок на мечот го постигна Иван Крстановиќ во 50. минута од натпреварот. Голманот Доминик Ливаковиќ направи апсурдна грешка и дозволи противничкиот фудбалер од далечина да ја погоди небранетата мрежа.

Статистиката беше на страна на загрепчани, но и Славен имаше свои шанси. На крај искористи уште една, преку Бруно Богојевиќ, а потоа успешно се одбрани од сите напади на големиот ривал.

Стефан Ристовски беше дел од акцијата по која Динамо доби пенал. Сепак, престрогата одлука на судијата беше променета од ВАР-собата. Театралниот пад на македонскиот фудбалер на крај не вроди со плод.

Капитенот Аријан Адеми пред почетокот на мечот доби награда за фер-плеј. Тој не доби шанса за игра и беше поштеден на оваа средба.