УЕФА сака револуција со организација на натпревари од ЛШ надвор од Европа

Фудбалската федерација на Европа (УЕФА) размислува за нов потег кој без сомнеж ќе ги налути фановите со традиционални размислувања. Имено, Европската куќа на фудбалот сака да донесе одлука според која натпревари од Лигата на шампионите би се играле надвор од Европа. Прво се појави информацијата за финале на елитното натпреварување во Соединетите Американски Држави, меѓутоа се размислува и за други опции, како групна фаза или нокаут натпревари. 

Според пишувањето на „Атлетик“, УЕФА денес на Хвар во Хрватска ќе одржи состанок на Извршниот одбор, а една од темите ќе биде токму европски натпревари на други континенти. Не се работи само за Соединетите Американски Држави, туку опција се Блискиот исток или Кина. Секако, сè тоа е со цел да се донесат дополнителни приходи во касата. УЕФА веројатно веќе го предложила овој подвиг на најголемите клубови, кои пак стравуваат од реакција на фановите. Поради тоа, постои и една алтернатива. 

Тоа е организација на Суперкупот надвор од Европа, но на него наместо традиционалниот натпревар за трофејот, да се игра „фајнал-фор“ турнир со четири екипи. Едната би била освојувачот на Лигата на шампионите, како и три други најсилни екипи во моментот. Се размислува турнирот да биде пред стартот на сезоната, во делот на подготвителниот период. 

Соединетите Американски Држави одамна се заинтересирани за Лигата на шампионите, но особено во последниот период кога има зголемен интерес и меѓу гледачите. Поради тоа, се притиска за добивање на домаќинство на елитни европски натпревари.