Првите три места на табелата во Суперлигата ги држат три гиганти во Истанбул, слика што не сме ја гледале често во последните години. „Виновник“ за тоа беше Фенербахче, кој од 2014 година и освојувањето на последната 19-та титула беше во постојана ерозија, предизвикана од астрономски долгови. Сепак, „канаринците“ постепено се издигнуваа од „пепелта“ и во најголемото турско дерби влегуваат од лидерската позиција, која им ја донесе одличната серија од осум победи и едно единствено реми. Тренерот Ерол Булут „скоцка“ добро избалансиран тим составен од одлични интернационалци, а во просек е третиот најстар тим во елитата кој работи на принципот „сите за еден, еден за сите“. Иако нема изразит стрелец, Фенер е меѓу најефикасните бидејќи неговите напаѓачи и играчи од средниот ред се подеднакво опасни и ривалите никогаш не знаат од каде доаѓа вистинската опасност.