Тренер на славен германски тим под истрага за лажирање на ковид-пасош

Предводникот на Вердер Бремен, Маркус Анфанг е под обвинение и истрага од германските власти, поради наводно лажирање на сертификат за вакцинација против ковид-19. 

До славниот тим кој годинава настапува во втората лига е пристигнато известување за истрагата, а тие се обратија преку соопштение.

„Во четврток до управата на Вердер пристигна известување за отворање истрага за наводна употреба на лажна потврда за вакцинација од страна на Маркус Анфанг. Во разговор со управата, тренерот ги отфрли обвиненијата и увери дека е целосно вакциниран и не го прекршил законот“, соопшти Вердер. 

Самиот Анфанг јавно потврди дека има примено две дози на вакцина, а не знае која е причината поради која е под истрага. Лажирањето на сертификат е казниво, па од Вердер се надеваат дека надлежните органи нема да мора да го санкционираат Анфанг.

Инаку по катастрофалната ланска сезона Вердер оваа се натпреварува во Цвајте, а по 13 кола има 19 бода и се наоѓа на осмото место.