Кога тргна сезоната, Милан воопшто не беше меѓу фаворитите за „скудетото“. Јувентус и Интер беа први кандидати за титулата, а поголеми шанси му се даваа дури и на Наполи. Но, кога се подвлекува цртата на крајот, Милан има шанса да ја подвлече во Реџо Емилија каде што и бод против Сасуоло му е доволен за 19. титула првак на Италија во клупската историја.
Малку е да се каже дека Стефано Пиоли и избраниците ги надминаа сите очекувања досега. Дури и во пресрет на последните деведесет минути во сезоната, многу луѓе не веруваат дека се способни да го освојат „скудетото“. Сепак, тие речиси цела сезона се во таа кожа и одиграа извонредно. Особено во финишот кога се докажа победничкиот менталитет во тешките натпревари со Лацио, Фиорентина, Верона и Аталанта.