Спортинг Лисабон е подготвен да плати 3,5 милиони евра за Стефан Ристовски

Еден од најдобрите македонски репрезентативци, Стефан Ристовски, повторно се поврзува со трансфер во португалскиот гигант, Спортинг Лисабон. 

Нашиот денес бек одигра феноменална сезона во дресот на Ријека со која за првпат во историјата стигнаа до трофејот во ХНЛ, а со добрите игри продолжи и во квалификациите за Лигата на шампионите, каде хрватскиот шампион има 1-1 од првиот натпревар во Австрија против Салцбург.

Интересот за Ристовски португалскиот тим го пројави уште оваа пролет, но сега истиот е зголемен, откако најверојатно пропадна трансферот на поранешниот бек на Манчестер Јунајтед, Фабио да Силва, кој моментално е член на Мидлсброу. 

Португалските медиуми откриваат дека Спортинг е подготвен да издвои 3,5 милиони евра за македонскиот репрезентативец, сума која тешко дека ќе биде одбиена од страна на Ријека. Сепак, овој трансфер најмногу зависи од успехот на хрватскиот шампион во квалификациите за Лигата на шампионите, односно доколку Ријека успее да обезбеди групна фаза во ова елитно натпреварување, тогаш тешко дека ќе се одлучи да се ослободи од услугите на еден од најдобрите свои играчи.