„Состојбата на теренот беше срамотна, не заслужуваме да играме во вакви услови“

Жешкото време не беше единствената пречка за македонската репрезентација на денешната средба против Ерменија. Лошата состојба на теренот дополнително ја отежна работата на избраниците на Игор Ангеловски, кои успеаја да победат на стартот од новата сезона во Лигата на нации.

Незадоволство по завршувањето на средбата беше големо кај Стефан Ристовски. Тој рече дека тој и неговите соиграчи не заслужуваат да бидат пречекани на ваков терен.

„Сакам да им честитам на момците, овие три бода се златни за нас. Ова го кажувам затоа што знам дека фудбалски не изгледаше најубаво, но навистина условите за игра беа тешки. Сакам да упатам апел дека ваков терен не смееме да си дозволиме да имаме. Ние сме Македонија и имаме амбиции да играме на Европско првенство. Според мене изгледот и состојбата беа срамотни. Со недели сме затворени во карантин за да дадеме сè од себе за македонскиот дрес и не заслужуваме ваков пречек. Поради тоа ова е повеќе од победа, им честитам на моите соиграчи“, гласеше пораката на десниот бек на нашата репрезентација.

Нашите репрезентативци ќе одморат два дена, а потоа ќе одиграат натпревар на гости кај Грузија. Истиот е закажан за вторник во 18:00 часот.