ВИДЕО: Шкупи потфрли во Скопје и убедливо загуби од Санта Клара во КЛ

Македонскиот вицешампион Шкупи, по победата и ремито со Лапи, го забележа првиот пораз на меѓународна сцена оваа сезона. Во рамките од второто коло од Конференциската лига, чаирчани немаа сили за надигрување со Санта Клара и португалскиот тим со заслужена победа од 0-3 (0-1) се враќа од гостувањето во Скопје.

  • Головите од натпреварот во Скопје:

Раководството на клубот од Чаир заврши одлична работа на трансфер-пазарот ова лето, доведе неколку квалитетни засилувања, но се чини дека Европа сè уште е далеку. На спротивната страна, пак, Санта Клара покажа квалитет и класа и без многу проблеми ја оправда фаворитската улога и си го отвори патот кон третото коло во новото натпреварување на УЕФА.

Стратегот Гоце Седлоски се реши на терен да истрча со засилен среден ред и тројца напаѓачи. Маркоски, Ѓорѓиевски и Цветаноски беа најблиску до противничкиот гол, а задачата за организација на играта ја имаа Али, Алварез, Чешмеџиев. Сепак, португалскиот прволигаш беше тој кој уште од самиот старт на натпреварот ја контролираше играта, ја имаше топката во своите нозе и беше поблиску до водство.

Првата посериозна шанса за погодок пристигна дури во 27. минута, кога Рамос одлично проби по десната страна и испрати прецизен центаршут до Карваљо, но напаѓачот на Санта Клара го промаши невозможното, односно од само две метри ја испрати топката високо над домашниот гол.

Веднаш по шансата на Карваљо, неговиот колега од нападот, Алано се закани со удар од далечина, а иницијативата на португалскиот тим вроди со плод во 30. минута. Линкон доби прецизно додавање од Алано и веднаш центрираше во срцето на казнениот простор на Шкупи, а таму Рватабуаје, сакајќи да ја отстрани опасноста ја смести топката зад грбот на Наумовски, за водство на Санта Клара од 0-1, резултат со кои се замина на одмор.

Катастрофално одиграното прво полувреме на чаирчани, без ниту еден удар кон противничкиот гол, донесе незадоволство кај Седлоски, па македонскиот стратег се реши за двојна замена на стартот на вториот дел. Ѓорѓиевски и Цветаноски останаа во соблекувалната и шанса за докажување добија Трапановски и Суахиб. Но, по само четири минути игра следуваше нов шок за домашната публика. Алано одново ѝ направи проблеми на одбраната на Шкипи и од лева страна асистираше до Карваљо, кој од непосредна близина не ја пропушти можност да реализира и донесе сигурно водство на својот тим од 0-2. 

По вториот примен гол Седлоски одново го освежи тимот и Шкупи конечно се ослободи од притисокот и заигра како што се очекуваше, па Китановски и Алварез во серија имаа одлични прилики да ја намалат негативата на својата екипа, но нивните обиди не завршија во посакуваната цел.

Како се доближуваше крајот на натпреварот, така Шкупи ризикуваше сè повеќе, а тоа можеше да донесе нов гол во мрежата на Наумовски. Малку фалеше Санта Клара во 74. минута да ја казни отворената игра на чаирчани, но Карваљо одново не реализира од изгледна позиција, а во продолжение на акцијата Португалците бараа пенал, но добија само удар од аголот. Во продолжение воглавно се играше на половината на гостите, но Шкупи не успеа да креира посериозна закана и натпреварот го заврши со само еден директен удар кон противничкиот гол, што секако е премалку за еден меѓународен натпревар. На спротивната страна пак, Санта Клара одново искористи една грешка на домашната одбрана и Кастињо ги постави конечните 0-3. 

Реваншот во Португалија на програмата е за една седмица.