ВИДЕО: Шкупи одигра шампионски и му сервираше одмазда на Тиквеш!

Македонскиот фудбалски шампион Шкупи му сервираше слатка одмазда на Тиквеш. Кавадарчани на стартот на сезоната пред својата публика го изненадија големиот фаворит и славеа со 3-1, но затоа денес чаирчани наплатија со камата и со убедливи 4-2 му го нанесоа петтиот овосезонски пораз.

Шкупи доста мотивирано го отвори натпреварот. Офанзивниот пристап на четата на Гоце Седлоски донесе многу проблеми во одбраната на гостите и три гола за само петнаесет минути. Резултатот го отвори младиот Младеновски, кој со помош на гостинскиот голман ја смести топката во посакуваната цел за прва радост на „Чаир“.

Во 14. минути асистентот на првиот погодок, Алварез, повторно ги покажа своите голгетерски способности и со прецизен удар со лева нога биеше неодбранливо за Димовски за 2-0 за чаирчани. Веднаш потоа бразилскиот офанзивец Куевен Да Силва прекрасно центрираше до главата на Демири, кој со удар на втора статива погоди за убедливи 3-0. Шампионот и по сигурното водство продолжи во ист ритам, создаваше шанси, но овој пат без резултат. Тиквеш, пак, посакува што побрзо да ги заборави првите 45 минути, бидејќи одигра далеку под очекуваното и во ниту еден момент не најде начин како да се закани кон голот на Наумовски.

Во вториот дел очекувано темпото на игра спласна, Шкупи искусно ја чуваше топката во свој посед и не му дозволуваше на противникот да се врати во игра. Тоа донесе не така допадлив фудбал и речиси ниту едно возбудување. Но, така беше сè до 72. минута, кога Вареловски го совлада Наумовски и го врати Тиквеш во игра, а само пет минути подоцна нововлезениот Мишов ја искористи грешката на комплетната домашна одбрана и погоди за 3-2 и драматичен финиш. Но, искусните момци на Седлоски не дозволија нов голем кикс и Марбелашвили, на нов центаршут на Алварез, стави точка на натпреварот и ги постави конечните 4-2.

Со оваа победа Шкупи остана на третата позиција на табелата со 21 бод, колку што има и Силекс, додека пред него се Шкендија и Струга Трим Љум. Тиквеш, пак, е петти со 15 освоени бодови.