Шкупи не се посрамоти, но загуби од Шамрок Роверс во ЛЕ!

Фудбалерите на Шкупи загубија на гостувањето во Даблин кај Шамрок Роверс со 3-1 (2-0), во првиот дуел од третото претколо на Лигата на Европа. Сепак, слично како и во двомечот со Динамо, момците на Седлоски не се посрамотија ниту на „Талагат стадион“. Шамрок поведе со двата гола на Бурк и Ватс во првиот дел, но Куевен ја врати надежта на чаирчани. Сепак, скопјани останаа со десетмина, а тоа го искористија од Шамрок за поубедлив триумф.

Гоце Седлоски се реши за неколку промени во составот, кои се главно во дефанзивата. Изостанаа Данфа, Шеји и Брдаровски, а шанса добија Тимовски, Демири и новото засилување Диене. Така, Наумовски застана на голот, Тимовски и Демири по бековските позиции, додека Сенгхор и Маргвелашвили на стоперските места. Средината ја сочинуваа Диене, Алварез и Куевен, а триото во нападот остана Хамиди-Адетунџи-Цефас. 

Дуелот тргна отворено, со добра и цврста игра на средината од теренот. Чаирчани беа рамноправни со фаворизираниот ривал, сè до моментот кога примија прв гол. Новајлијата Диене погреши и беспотребно направи фаул за пенал, па сигурен од 11 метри беше Грахам Бурк, за 1-0 во 12. минута од дуелот. Нервозата и тензијата како да се зголеми во редовите на Шкупи. Иако момците на Седло се консолидираа бргу и станаа покреативни, не успеаја да го искористат моментумот. Збунетоста беше и натаму присутна во скопскиот тим, особено во дефанзивната линија, што резултира со втор гол за Шамрок Роверс. По акција која почна од голманот, низа лоши реакции на одбраната на чаирчани доведоа до зицер шанса за Дилан Ватс кој го матира Наумовски за 2-0 во 29. минута.

По двата примени гола играчите на Шкупи како да собраа сила и тргнаа поофанзивно. Македонскиот првак до крајот на полувремето диктираше темпо и изгледаше многу подобро од првата четвртина на дуелот. Најголемата можност до паузата ја имаше Ангелче Тимовски кој биеше од огромна далечина, а неговиот удар со потешкотии го скроти Манус. Од слободен удар закана по домашниот гол упати и Фреди Алварез, ама и неговиот шут беше одбранет. Иако Шамрок по полувремето тргна посигурно и упати една добра закана, Шкупи пак се консолидираше. Одбраната на домашните беше на нивото, ама чаирчани се закануваа од далечина, па со нов одличен удар можностите на Манус ги тестира Куевен.

Во пресрет на завршницата двајцата тренери посегнаа по клупите. Седло ги замени Демири, Цефас и Адетунџи со Брдаровски, Трапановски и Ѓоргиев, а тренерот на Шамрок направи четири измени. Темпото на игра за нијанса опадна, а тоа добро му дојда на македонскиот првак. Во 77. минута вистинска мајсторија изведе бразилскиот играч за врска Куевен, кој со удар од 30 метри погоди во подалечниот агол на противничкиот гол за 2-1. До крајот на натпреварот чаирчани останаа и со десетмина на теренот. Голем хендикеп за Гоце Седлоски во реваншот ќе биде неиграњето на Валид Хамиди кој доби втора јавна опомена и црвен картон. Иако сите очекуваа крај на дуелот, Гери О'Нил во седмата минута од судиското продолжение погоди за конечните 3-1. 

Реванш дуелот на Арената „Тодор Проески“ се игра за само пет дена, во вторник од 21:00 часот, а Шкупи ќе брка два гола негатива.